Расте вредноста на договорените и извршените градежни работи во странство од страна на македонските градежни компании. Државниот завод за статистика во извештајот за првите три месеци од 2014 година констатира зголемување од 0,2% во делот на договорени градежни работи на пазарите надвор од земјава, при што нивната вкупна вредност изнесува 4.636.786.000 денари (75,4 милиони евра). Покрај сигурна работа за претстојниот период, регистрирано е огромно зголемување во делот на реализираните проекти од македонските градежници. Вредноста на извршените градежни работи во првите три месеци од годинава изнесувале 408.047.000 денари (6,6 милиони евра), што е за 121,2% повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Во овој период е забележан зголемен обем на извршените градежни работи во Италија, Холандија, Бугарија и Германија, додека на останатите пазари е регистриран намален обем на активност. Како нови пазари се јавуваат Франција, Босна и Херцеговина, Хрватска и Либиската Арапска Џамахирија.