Претходна статија
Отворена „Скопска недела на архитектурата 2012“
Следна статија
ЈСП со нов обид за обнова на автобуските стојалишта

Македонските градежници ќе ги учат вештините за градење на енергетски ефикасни објекти

Објавено на 09.10.2012 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На македонското градежништво му требаат дополнителни вештини и знаења за активно вклучување во глобалните тенденции за спроведување на мерките за енергетска ефикасност во новите објекти и во оние кои се предвидени за реконструкција. Надминувањето на недостатоците во градежниот сектор ќе се реализира со помош на финансиски средства во висина од еден милион евра од Програмата ЦИП – Интелегентна енергија, на Европската унија. Проектот „Градење капацитети во градежната индустрија“ (Build up skills) е најавен за наредните 18 месеци, преку посредство на Стопанската комора на Македонија, Агенцијата за енергетика, Градежниот институт „Македонија“, Здружението на бизниси и консултанти „Креација“ и Факултетот за електротехника и информациски науки при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје.

 

Со планот се предвидува да се детектираат актуелните недостатоци во градежништвото во однос на градењето на енергетски ефикасни објекти и можностите за отстранување на проблемите во насока на обезбедување на квалификувана работна сила за реализација на мерките за енергетска ефикасност во идните зданија. „Во следните 18 месеци ќе гледаме максимално коректно да го имплементираме проектот што денеска започнува и да придонесеме за енергетската ефикасност во Македонија. Сакаме да достигнеме 9 – процентна ефикасност на градежните објекти во 2018 година, 14,5 – процентна до 2020, а до 2050 година се надевам дека ќе ги постигнеме неопходните проценти што ги предвидува ЕУ за нашата држава“, изјави директорот на Агенцијата за енергетика Лазар Гечевски.

 

Проектот менаџиран од Европската агенција за конкурентност и иновативност има за цел на европско ниво да ја дефинира постоечката состојба во однос на работните вештини кои ги имаат работниците во градежниот сектор, со цел постигнување на Стратегијата 20/20/20 на Европската унија и подобрување на капацитетите и конкурентноста на градежната индустрија во сегментот на изградба на енергетски ефикасни објекти. Од јуни 2012 година и Македонија е дел од оваа европска иницијатива.