Нема работа за македонските градежници во странство. По негативните резултати постигнати на домашниот пазар, податоците од Државниот завод за статистика за првиот квартал од годинава покажуваат негативен тренд и кај договорените и извршени градежни работи во странство. Во периодот јануари – март 2018 година, вкупната вредност на договорените градежни работи во странство изнесува 775.469 илјади денари, што е за 61,1% помалку во споредба со истиот период од минатата година. Значаен пад кај договорените градежни работи е забележан на пазарите во Босна и Херцеговина, Германија и Холандија.
Во наведениот период, градежната оператива од Република Македонија во странство извршила градежни работи во вкупна вредност од 281.136 илјади денари, што е за 12,5% помалку во споредба со идентичниот период лани. Во овој период е забележан зголемен обем на извршените градежни работи во Босна и Херцеговина, но и нивно намалување на пазарите во Германија и Холандија.