Заедно со пристигнувањето на новите 150 товарни вагони, Македонски железници – Транспорт во претстојниот период планира да реконструира 31 товарни вагони од постоечкиот возен парк на претпријатието. Деновиве беше распишан тендер за средна оправка на 15 вагони од сериите R-gs и 16 вагони од сериите K-gs, кои треба во рок од шест месеци да се подготват за повторно вклучување во товарниот сообраќај. Од државната компанија очекуваат дека за обновата на вагоните ќе потрошат околу 15 милиони денари.
Со пристигнувањето на новите товарни вагони, како и со претстојната реконструкција на дел од постоечкиот возен парк се очекува дека ќе се зголеми обемот на железничкиот товарен сообраќај во земјава. Во изминативе години постоеше континуирано намалување на користењето на железницата во превозот на стоки, за сметка на камионскиот транспорт. Државниот завод за статистика пресметал дека лани со воз биле превезени 2.376.000 тони стока, што претставува намалување на обемот во однос на 2013 година. Колку за споредба, товарниот патен сообраќај во текот на 2014 година превезол 31.587.000 тони стока.