Во рамките на Самитот 100, денеска во Скопје се одржа презентација на електрични возила и полначи, како и промоција на „ЕДИСОН еСкопје“ проектот. Како дел од овој проект, Македонија и Скопје ги отвораат вратите за продор на глобални револуционерни иновации во областа на транспортот. Со тоа се очекува да се постигнат глобалните цели за намалување на климатските промени, но и да се обезбедат услови за намалување на загадувањето на воздухот. „Користењето на електричните возила претставува ефективно решение и начин на кој секој од нас ќе помогне во заштитата на животната средина“ изјави заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.
Макрадули потенцираше дека Македонија има потенцијал за вклучување во европскиот зелен коридор и дека за тоа е неопходна масовна интегрирана сеопфатна акција од сите чинители реализирана преку партнерство помеѓу владата, здруженијата на граѓани, бизнис секторот, но и самите граѓани. Проектот ЕДИСОН (Еколошко возење, иновативни решенија и вмрежување) е регионален проект за електрификација на автопатиштата во регионот и има за цел да обезбеди масовна прифатлива електрична мобилност во регионот со регионално развиени решенија за тоа.