„Македонија е заинтересирана да биде дел од проектот за изградба на пругата од пристаништето во Пиреја до Будимпешта“ е пораката што вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски ја испратил на денешната средба со кинеската делегација, предводена од заменик – министерот за национален развој и комисија за реформи Ксу Ксианпинг, заменик генералниот директор на кинеската железничка корпорација Хуанг Мин и потпретседателот на кинеската Ексим банка Сун Пинг. Како што соопштуваат од Кабинетот на вицепремиерот Владимир Пешевски, двете страни изразиле согласност да биде изработена физибилити студија за трасата каде би минувала пругата и за цената на овој железнички проект.
Откако ќе се утврдат овие параметри, во втората фаза ќе треба да се определат моделите за финансирање на проектот. Од македонска страна било посочено дека проектот има огромно значење за Република Македонија бидејќи ќе се поттикне економскиот раст и ќе се отворат нови вработувања, а земјава ќе стане еден од главните транспортни коридори во Европа. Покрај со нашата земја, кинеските власти ќе треба да се договорат и со другите балкански земји за овој проект. Пред еден месец, српскиот премиер Александар Вучиќ и неговиот кинески колега Ли Кечијанг го потпишаа договорот за проектирање и изградба на брза пруга од Белград до Будимпешта.
Покрај изработката на физибилити студија, во наредниот период ќе треба и Република Србија да даде согласност за вклучување во железничкиот проект, со кој би се градела брзата пруга од Белград до македонската граница. Иако не е дефинирана, идната траса би морало да минува низ значително потежок ридско – планински терен, со што и вкупната инвестиција во железничката инфраструктура би се зголемила. Постоечката пруга од Белград до Скопје е во катастрофална состојба, што се одразува и на патувањето на експресните возови од девет и пол часа. Со замислениот проект треба да се сложи и грчката страна, иако пругата, особено во делот помеѓу Солун и Атина, веќе е функционална за движење на возовите со брзина од 160 до 200 километри на час.
Нашата земја нема голем избор во претстојниот период. Мостот помеѓу бугарскиот град Видин и романскиот град Калафат веќе е пуштен во употреба, со што постана функционален конкурентскиот Коридор 4, со кој грчкиот град Солун преку Софија, Крајова и Арад се поврзува со Будимпешта. Бугарските железници уште минатата година воведоа патнички возови помеѓу Видин и Крајова, а од оваа година започна да сообраќа и експресниот воз „Сердика“ помеѓу Софија и Будимпешта. По реконструкцијата на дел од застарените делници во Бугарија и Романија, во многу скоро време железничкиот товарен и патнички сообраќај би можел да биде пренасочен на оваа траса од Коридорот 10 што минува низ Македонија. На тој начин, европските возови не би излегувале од територијата на ЕУ, би се движеле без царински формалности и промени на локомотиви на границите, со што би се забрзал протокот на стоки и патници.
Бојан Блажевски