Претходна статија
Во „барок“ ќе премине жолтата куќа до владата
Следна статија
Придобивки од греењето на пелети

Македонија на Венециското биенале за архитектура со „Ничија земја“

Објавено на 22.10.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Проектот „Ничија земја“ на бирото Стоун дизајн од Скопје и архитектите Стојан Павлески, Иван Симеонов, Ѓорѓи Радовановиќ и Љупчо Тасевски идната година ќе ја претставува Македонија на Венециското биенале за архитектура 2016. На Конкурсот на Министерството за култура аплицираше и Архитектонскиот факултет – Скопје во соработка со Музејот на Град Скопје со проектот на група архитекти „Од другата страна на фронтовите: Приказна на летната школа за архитектура во манастирот Св. Јоаким Осоговски“. Проектот „Ничија земја“ бил едногласно избран од стручната Комисија во состав: Славко Брезовски, Петар Муличкоски и Драган Бошнаковски.

 

* Извор на фотографија: Министерство за култура

 

 

Светската изложба на архитектонски дела во Венеција ќе се одржи од 28 мај до 27 ноември 2016 година на тема „Извешај од фронтот“, зададена од кураторот на Венециското биенале 2016, Алехандро Аравена. Членовите на стручната Комисија оцениле дека избраниот проект е директен одговор на темата „Извештај од фронтот“ и на размислувањата на кураторот Аравена за тековните проблеми на архитектурата и општеството.

 

Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска вели дека проектот „Ничија земја“ е издржан и темелно осмислен авторски приказ со високи естетско-уметнички вредности. „Проектот го обработува суштинскиот проблем на денешницата, миграциите од секој аспект, земајќи го предвид времето на брзи промени, политички процеси и економски кризи. Авторите на проектот преку едно архитектонско-визуелно остварување ја проектираат публиката во една субјективна реалност на самопрепознавање во новите можни глобални географски поместувања“, истакна министерката Канческа-Милевска.

 

Архитектот и куратор на „Ничија земја“ Стојан Павлески од бирото „Стоун дизајн“ посочува дека понудиле две решенија за проектот, во зависност од тоа каков простор ќе биде избран во Венеција каде што ќе се претстават. Првото решение е во форма на завиен тунел – тунелот како симбол на желбата за премин и за излез, а завиеноста како симбол на чувство на неизвесност и големо очекување. Вториот концепт е правоаголна основа со отвореност кон публиката и ќе асоцира заштитен ореол, стаклена градина, алудирајќи на желбата за географска промена на Земјата.