Павиљонот на Република Македонија на 13-тата Интернационална изложба на архитектурата – Биенале во Венеција денеска свечено е отворен за посетителите. Во делот на претставувањето на 56 творби од различни држави, Македонија зема учество со изложбата „Архитектура во огледалото: возвишено и секојдневно“, во организација на „Метамак колектив“ со помош на Музејот на Град Скопје. Комесар на изложбата е Фросина Зафировска, заменик – комесар Таше Стрезовски, а како куратори се јавуваат м-р Саша Тасиќ и м-р Александар Радевски. Концептот на изложбената поставка обединува 50 специфични дела во единствена целина – идеален град. Павиљонот е сместен на простор од околу 80 метри квадратни во објектот Artiglierie, во венецискиот Арсенал. На овогодинешното биенале, за прв пат со свои изложби ќе се претстават Ангола, Кувајт, Перу и Косово.
*Zaha Hadid Architects со идејната творба за 13-тото Венециско биенале на архитектурата
Главниот фокус на престижниот настан ќе се насочи кон селектираните 69 проекти изработени од архитекти, фотографи, ликовни уметници, критичари и студенти. Инспирирајќи се од темата „Заедничка основа“, 119 учесници позитивно одговорија на поканата на официјалниот куратор на Венециското биенале Дејвид Чиперфилд. Тие ќе се претстават со иновативни дела и инсталации специјално креирани за препознатливата манифестација на површина од 10.000 метри квадратни. Чиперфилд разјаснува дека ја избрал темата со цел: „да ги поттикнам моите колеги да дејствуваат против распространетите професионални и културни тенденции на нашето време кои поставуваат акцент на индивидуалните и изолирани акции“.
Свеченото отворање и доделувањето на наградите ќе се одржи на 29 август. Меѓународното жири ќе одлучи кој ќе ги добие наградите Златен лав за најдобар проект во Интернационалната изложба – заедничка основа, Златен лав за најдобра национална презентација и Сребрен лав за млад архитект во Интернационалната изложба – заедничка основа. На прославениот португалски архитект Алваро Сиза Виеира ќе му биде врачена наградата Златен лав за животно дело. Венециското биенале на архитектурата ќе биде отворено за посетителите до 25 ноември 2012 година.