Претходна статија
Цената на становите во Скопје во благо опаѓање
Следна статија
Електроцентралите на обновлива енергија со заедничка моќност од 117 мегавати

Македонија ќе остане без меѓународни возови од почетокот на септември

Објавено на 28.08.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

По 143 години од воведувањето на железничкиот сообраќај во Македонија, нашата земја од почетокот на септември ќе остане без редовните меѓународни линии. Експресните возови кон Белград и Солун од 4 септември веќе нема да сообраќаат од железничката станица во Скопје, бидејќи истите се укинати на неодредено време. Сите оние граѓани кои што ќе посакаат да патуваат кон Европа со воз, своето патување ќе мора да го организираат од Ниш или Белград како почетни дестинации. Возот „Хелас експрес“ нема да сообраќа до крајот на годинешниот возен ред во декември, а веќе подолго време не сообраќа ниту утринскиот експресен воз на релација Скопје-Белград-Скопје.

 

*Експресниот воз „Хелас експрес“ на железничката станица во Солун

 

 

Поради градежни работи на пругата Ниш-Прешево, Српските железници го ограничија патничкиот сообраќај на југот од својата земја, што предизвика и директни импликации врз Македонија. Укинатите возови кон Скопје ќе продолжат да сообраќаат на релацијата Белград-Ниш, а од Македонски железници до денес не излегоа со најава за продолжување на железничката врска барем кон Солун. Засега нема информација за тоа кога би се вратиле експресните возови од скопската станица, иако одредени шпекулации говорат дека дестинациите кон Белград и Солун нема да се најдат и во возниот ред за наредната 2017 година.

 

Укинувањето на меѓународниот железнички сообраќај помеѓу Македонија и Србија се прави надвор од сите правила на Меѓународната унија на железници, која бара од националните управи да им овозможат на патниците со купен билет да стигнат до крајната дестинација според возниот ред договорен на меѓународно ниво. Соодветен пример во оваа насока се Грчките железници. Иако веќе неколку месеци наназад поради мигрантската криза е укинато движењето на патничките возови од Гевгелија до Солун, државната железница на Грција организира автобуси кон Солун што секојдневно ги пречекуваат патниците на железничката станица во Гевгелија.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk