Претходна статија
Мораториумот за градење во Центар продолжен до 30 април 2019 година
Следна статија
И Велес догодина ќе ги изготви проектите за гасификација

Македонија го доби грантот од 68,6 милиони евра за пругата кон Бугарија

Објавено на 14.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Неповратните средства во износ од 68,6 милиони евра за изградба на втората фаза од пругата кон Бугарија и официјално се доделени на нашата земја. Министерството за финансии и Европската банка за обнова и развој го потпишаа договорот за ВБИФ грантот, со кој ќе се овозможи изградба на пругата долга 35 километри меѓу кумановското село Бељаковце и Крива Паланка. „Со склучувањето на договорот за грант ќе се овозможи намалување на заемот доделен од ЕБОР за втората фаза, кој е во износ од 145 милиони евра“, изјави министерот за финансии Драган Тевдовски.

 

 

Амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар посочи дека унијата има доделено 220 милиони евра за секторот транспорт на Македонија. Нивната поддршка преку овој грант е надополнета со дополнителни грант средства од 5,7 милиони евра преку Инвестициската рамка на Западен Балкан за поддршка на подготовката и реализацијата на проектот. На тој начин, за првите две фази од изградбата на пругата кон Бугарија досега се обезбедени повеќе од 190 милиони евра, со што е осигурана сигурна реализација на железничката линија барем до Крива Паланка.

 

Македонија ќе треба допрва да ја заокружи финансиската конструкција за третата фаза од овој проект, со која е опфатена изведбата на пругата меѓу Крива Паланка и граничниот премин Деве Баир. Како што веќе информираа од Министерството за транспорт и врски, во најскоро време ќе биде потпишан анекс на договорот за изградба на првата фаза од пругата меѓу Куманово и Бељаковце. Со ваквиот потег ќе се одмрзнат градежните работи на овој дел од трасата, која што започна да се гради уште во март 2014 година.

 

Паралелно со ова, во моментов се одвива меѓународен тендер за избор на изведувач на втората фаза од проектот, со која треба да се доврши изградбата на пругата меѓу Бељаковце и Крива Паланка. Догодина треба да заврши целокупната тендерска постапка, а почетокот на изведбените работи на оваа етапа се очекува кон крајот на 2019 година.

 

 

» Форумска дискусија за железничкиот Коридор 8