Осмиот меѓународен натпревар на најдобрите ученици од стручните градежни училишта низ Европа – „Кнауф јуниор трофеј“ оваа година се одржува во Македонија. Во средното училиште „Здравко Цветковски“ во Скопје своите знаења и вештини во сегментот сува градба утре ќе ги претстават повеќе од 30 средношколци од 12 држави, кои ќе се натпреваруваат во теоретски и практичен дел. Натпреварувачите ќе бидат придружувани од нивните професори и ментори, а воедно и претставници од „Кнауф“ од секоја земја учесничка ќе бидат гости на овој настан. Како дел од програмата по завршување на натпреварувачкиот дел, за гостите ќе се организира екскурзија преку која ќе можат да уживаат во убавините на Македонија и да се запознаат со македонската култура и знаменитости.
„Очекуваме интересни и креативни решенија од учесниците, натпреварувачки дух, но пред се забава и дружење помеѓу младите. Истовремено, ова е одлична можност за средношколци од повеќе држави да се запознаат со Македонија, бидејќи најголемиот дел од нив досега не биле во можност да ја посетат нашата земја“ истакнува Роберт Смилески, маркетинг менаџер на Кнауф Македонија.
Изведувањето на сува градба е сектор во градежништвото во кој се јавува недостиг на квалификувана работна сила поради континуирано зголемување на примената на ваквите системи на градење. Со организација на ваков тип на натпревар младите стекнуваат практични знаења кои потоа може лесно да ги инкорпорираат и во своето идно вработување. „Кнауф јуниор трофеј“ прерасна во традиционална манифестација која се одржува веќе осма година по ред.