Проектниот менаџмент е во почетна фаза на развој кај македонските градежни компании и поради тоа неретко настануваат проблеми при реализацијата на градежните проекти. На ваквата состојба укажаа дел од говорниците на Конференцијата за Проект – менаџмент што денеска се одржа во просториите на Градежниот факултет во Скопје, во соработка помеѓу оваа високообразовна институција, Комората на овластени архитекти и овластени инженери, ЕуроКомпјутер Системс и SKILLS Бугарија. Професорката Валентина Жилеска – Панчовска од Градежниот факултет напомена дека на ниту еден факултет во Македонија сеуште нема посебна студиска програма по проектен менаџмент во градежништвото, а нема ниту голем број на организирани настани на оваа тема од типот на конференции и семинари.
Таа нагласи дека во земјава сеуште не се имплементирани лиценци на ниво на овластувања за работа на проектните менаџери, при што компаниите најчесто се користат со меѓународните стандарди како што се: ISO 10006 или PMBOQ. Во Законот за градење има само еден член што се однесува на сегментот управител на градба, но тоа не е регулативен процес заснован на ниво на поединци. „Во Македонија сеуште не е достигнато потребното ниво во областа на проектниот менаџмент“, заклучи во својот говор професорката Жилеска – Панчовска.
Џими Чар, претседателот на бугарскиот огранок на меѓународната непрофитна организација Институт за проектен менаџмент (PMI) нагласи дека во светски рамки компаниите губат билиони долари во однос на вредноста на проектите поради недоволното искуство или незнаење на лицата што работат во оваа област, нивното доцнење, дополнителните трошоци што се јавуваат или пак поради враќањето на проектите на доработка. „Од повеќе од 20 милиони вработени во областа на проектниот менаџмент во светот, само 1 милион од нив се сертифицирани“, истакна во својот говор господинот Чар.
Тој ги напомена придобивките од членувањето во глобалната организација PMI, при што една од нив се и Заедниците на пракса во кои членуваат десетици илјади професионалци од различни сегменти блиски до проектниот менаџмент во градежништвото. За сите нејасни прашања и нови теми кои се отвораат во оваа област, зачленетите лица можат да се запознаат или да го споделат своето искуство преку ваквите заедници. Организацијата има развиена мрежа во меѓународни рамки што овозможува искуствени контакти помеѓу професионалците кои се вклучени во управувањето на проекти во градежништвото. Основана во 1969 година во САД, PMI денес има преку 400.000 активни членови во 185 држави во светот, а наскоро се очекува да се оформи огранок и во нашата земја.
На еднодневната конференција со свои стручни говори учествуваа Стефан Малиновски, проектен менаџер од SKILLS Бугарија, Дотчка Василева, директор на консултанската компанија од областа на проект – менаџментот DL Management од Бугарија и Милчо Миронов, главен извршен директор на компанијата Galchev Engineering Group од Бугарија. Со пригодна реч, на почетокот на настанот се обрати и Милорад Јовановски, декан на Градежниот факултет во Скопје.