Претходна статија
„Гранит“ ќе го реконструира државниот пат Кочани - Делчево
Следна статија
Минорен раст на цената на становите во Скопје на крајот од 2015 година

Македонија добива сертифицирани работници за енергетска ефикасност

Објавено на 05.02.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Следење на теоретска обука, стекнување на практични вештини, можност да се постават прашања до предавачите и контунирано меѓусебно споделување на искуства. Следниот петок нашата земја ќе добие нови сертифицирани работници за енергетска ефикасност, кои со стекнатото знаење ќе можат да ги спроведат мерките за енергетска ефикасност во објектите што допрва ќе се градат или реконструираат. „Билд“ имаше можност да присуствува на една од обуките за изведувачи на поткровна изолација и изолација на фасадни системи што се одвиваат во рамките на проектот „Build Up Skills – BEET“, кој денес се одржа во просториите на Кнауф Македонија.

 

„Математиката ни кажува од каде сè ни бега енергијата што ја вложуваме во греење и во ладење на станот или на куќата. Па така, 13% од енергијата ни бега низ подот, 30% ни бега низ фасадата, низ прозорците ни бега 25%. Вие можете да им заштедите речиси 50% од енергијата на домаќинствата. Низ кровот се губи 18% од енергијата, и низ оџакот ни бега околу 14% од енергијата. Денеска ќе зборуваме за кровот и за ѕидовите“, го започна предавањето Блажен Зотовски од Кнауф. Заедно со својот колега Александар Николовски, тие на учесниците на обуката им пренесоа корисни информации и ги запознаа со иновативни системи, меѓу кои се вентилираната фасада и фасадниот систем со камена волна.

 

Обуката се состои од теориски и практичен дел, а едукативниот процес се заокружува со издавање на сертификат за потврда на знаењата на работникот, кој има важност во Македонија, Словенија и во Хрватска. Стекнувањето на нови знаења и вештини на обуките се одвива низ двонасочна комуникација, во која секој од учесниците може да постави прашање на одредена тема за енергетската ефикасност, но и да го пренесе своето искуство. Денешните 30-тина учесници на обуката се дел од вкупно 1.000 градежни работници кои е предвидено во наредниот период да ги стекнат неопходните знаења за да изведуваат енергетски ефикасни објекти низ целата земја.

 

Преку проектот „Build Up Skills – BEET“ досега 200 лица ја минаа обуката за инструктори и тренери, кои во иднина знаењата треба да ги насочат кон оној работен кадар во градежништвото што нема познавања за енергетската ефикасност. Во изминативе месеци се спроведува доусовршување на оние работници од градежните фирми што веќе имаат искуство или претходни знаења од оваа област. Истовремено, во претстојниот период треба да се реализираат предавања за стотици градежни работници кои досега немале никакво искуство со спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност. Кнауф Македонија е еден од учесниците во теоретската и практичната обука на изведувачите.

 

Европската комисија за остварување на проектот „Build Up Skills – BEET“ во Република Македонија има доделено 400.000 евра. Носител на проектот е Стопанската комора на Македонија, а како координатори на истиот се јавуваат Здружението на бизниси и консултанти „Креација“, Факултетот за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ, ЦеПроСАРД, Факултетот за бизнис економија и Центарот за образование на возрасни на Република Македонија. Со проектот на македонските работодавачи ќе им се понудат квалификувани работници од пет нови занимања: фасадери, столари, техничари за греење, ладење и климатизација, кровопокривачи и електричари.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk