Дронот со кој ќе се откриваат загадувачите на воздухот во Скопје ќе се набави за следната зимска сезона. Откако годинава неуспешно заврши првиот тендер, Центарот за развој на Скопскиот плански регион денеска распиша втор тендер за спроведување на системот за четиридимензионално следење на загадувањето на воздухот во главниот град. Проектот вреден речиси 6 милиони денари се состои од набавка на дрон со неопходниот хардвер, како и софтвер за собирање, обработка и прикажување на добиените податоци од мерните сензори, заедно со изработка на тест сценарио и оформување на првичната база на податоци.
Договорот со избраната компанија ќе трае 8 месеци, односно системот за откривање на загадувачите на воздухот од птичја перспектива би можел да се реализира до крајот на 2019 година. Претходно, до 19 април ќе се чекаат понудите доставени од заинтересираните компании за учество во тендерската постапка.
Безпилотното летало директно ќе ги испраќа откриени податоци до сервер, со што ќе им се олесни работата на инспекторите што треба да ги откријат загадувачите на воздухот во Скопје.