Од вкупно поднесените 354.475 барања за легализација на бесправно изградените објекти, досега се издадени околу 12.000 решенија за легализација. Граѓаните заборавија дека покрај поднесеното барање, потребно е да ги комплетираат документите за да се заврши целокупниот процес, а пак локалните самоуправи многу бавно одговараат на апликациите. Резултатот од ваквиот застој е што само околу 3% од вкупно поднесените барања на граѓаните се разрешени од надлежните институции. Министерството за транспорт и врски веќе ја разгледува можноста на општините да им даде дополнителен рок од шест месеци за да можат да постапат по апликациите за легализација и да им одговорат на заинтересираните лица.
Постапката се соочува со потешкотии во втората фаза од нејзината реализација, која предвидува утврдување на фактичката состојба на дивоградбите од страна на единиците на локалната самоуправа и подразбира теренска работа на административците. Општините со најголем број поднесени барања и најмалку вработени се подложни на најголем притисок во работата. Особено загрижувачки е конечниот број на легализирани објекти, кој ако се помножи со шесте години определени за целосно завршување на процесот, тогаш би излегло дека локалните самоуправи до крајниот рок нема да можат позитивно да одговорат ниту на половина од поднесените барања на граѓаните.
Владината идеја за легализација на бесправно изградените објекти започна со реализација на 4 март минатата година, а процесот на аплицирање на заинтересираните лица траеше до 3 септември. Надлежните институции ги потсетуваат граѓаните да не чекаат последен момент при прибирањето на потребните документи и во најскоро време истите да ги достават до локалните самоуправи за да може постепено да се привршуваат нивните случаи.