Претходна статија
Просечната цена на становите за пет години опаднала за над 11%
Следна статија
Наскоро ќе биде готова документацијата за новиот Луна парк

Леарницата во Пробиштип забрзано се турка кон изградба

Објавено на 02.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Откако руската компанија „Кранфилд Фаундри“ ја изработи Студијата за оценка на влијанието врз животната средина за планираната леарница за железо и производи од железо, општина Пробиштип денеска објави оглас за продажба на градежното земјиште на кое е предвидено да се гради овој објект од тешката и загадувачка индустрија. Станува збор за парцела од 84.465 метри квадратни, која се наоѓа на локалитетот Неокази на 1,5 километри од самиот град. Почетната цена по метар квадратен за огласеното земјиште изнесува 61 денар за метар квадратен.

 

 

 

Пријавите за учество на електронското јавно наддавање ќе може да се доставуваат најдоцна до 5 октомври, додека најавената електронска лицитација е предвидено да се одржи на 7 октомври. За разлика од вообичаените постапки за изградба на еден индустриски капацитет, македонската влада најпрво го потпиша договорот за изградба на замислената леарница, а дури потоа општина Пробиштип го распиша огласот за продажба на градежното земјиште. Да биде уште почудна целокупната ситуација, Министерството за животна средина и просторно планирање сè уште нема издадено интегрирано еколошка дозвола на инвеститорот – компанијата „Кранфилд Фаундри“.

 

Според објавената официјална документација, објектот од тешката индустрија ќе се состои од пет дела: топилница со индуктивни печки и затворен склад за секундарно железо, административна зграда, погон за компјутерска машинска контрола, линии за производство на калапи и постројка за пескарење со површина од околу 15.000 метри квадратни. Во публикуваната Студија на инвеститорот се наведува дека вкупниот инсталиран капацитет за топење на секундарно железо ќе изнесува 100.000 тони на годишно ниво.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk