Руската компанија „Кранфилд Фаундри“ тврди дека изградбата на леарницата во Пробиштип нема да има никакви негативни влијанија врз животната средина. На прес – конференција, инвеститорот денеска посочи дека во процесот на производство на челик и челични производи ќе се задоволат сите еколошки стандарди што ги бара македонското и европското законодавство. „Во леарницата ќе користиме најмодерна технологија, еколошки чиста технологија која е достапна во современиот свет“, истакна Дариус Џуба, главен извршен директор на „Кранфилд Фаундри“.
Инвеститорот во објектот од тешката индустрија посочува дека проектната документација и изградбата на леарницата ќе ја врши холандската компанија „Гемко“, при што во издигнувањето на леарницата тесно ќе се соработува со германски „Ото Јункер“ и данската компанија „Диса“, кои претставуваат специјализирани изведувачи на вакви објекти во светот. Во планираната леарница во Пробиштип ќе се инвестираат 15 милиони евра, а во производствениот процес ќе се ангажираат 280 работници.
Во меѓувреме, планот за изградба на овој индустриски капацитет постана предмет на расправа и во Собранието на Р.М. На денешната седница наменета за поставување на пратенички прашања, Лилјана Поповска од ДОМ постави прашање поврзано со изградбата на новата леарница. „Каква е таа „зелена технологија за топење отпадно железо на 1 километар од Пробиштип? Тоа е дезинформација за граѓаните, зашто се нудат 280 вработувања како замена за здравјето на цел еден град! Нема тешка индустрија што е зелена, напротив, секоја тешка индустрија се води како загадувачка индустрија. Нема светска пракса за отворање нови индустриски зони за тешка индустрија во градовите“, истакна пратеничката Лилјана Поповска.
Бојан Блажевски