Владиниот проект за легализација на бесправно изградените објекти не го спречи во целост издигнувањето на дивоградби низ македонските општини. Според податоците на Државниот завод за статистика, во текот на 2015 година на територијата на Република Македонија биле регистрирани 1.061 бесправно изградени објекти. Според видот на објектот, бесправно се изградени 232 објекти за домување (21,9%), 163 доградби, надградби и адаптации (15,4%), 104 деловни објекти (9,8%), 82 гаражи (7,7%), 164 огради (15,5%), 18 скалила (1,7%), 26 тераси (2,5%), 11 летни тераси (1%), 78 настрешници (7,4%), 55 времени објекти (5,2%) и 128 помошни објекти (12,1%).
Најголем дел од бесправно изградените објекти (98,4%) се во приватна сопственост, а помеѓу дивоградбите еден објект е и во државна сопственост. Меѓу градовите, најмногу објекти без соодветна документација лани биле регистрирани во Скопје (289), а потоа следува Куманово со 70.