Ј.П. „Куманово – гас“ интензивно работи на изградба на гасоводната мрежа во Куманово. Екипите на ова јавно претпријатие ја поставуваат секундарната мрежа во должина од 1.200 метри кон кумановската населба Карпош, а се работи и на гасификација на гимназијата „Гоце Делчев“, објектот „Синоличка“, основните училишта „Крсте Мисирков“ и „Браќа Миладиновци“ и библиотеката „Тане Георгиевски“, сите сместени во центарот на градот. Плановите предвидуваат поставувањето на гасоводната мрежа да се заврши до септември, со што ќе се овозможи приклучување на гас на овие објекти пред новата грејна сезона. Со изградба на гасоводната мрежа кон населбата Карпош, во септември се очекуваат и приклучувања на првите домаќинства на системот.
Ј.П. „Куманово – гас“ досега има изградено 13 километри гасоводна мрежа во градот, а вкупната инвестиција изнесува 2,7 милиони евра кои се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. За целокупно завршување на проектот ќе биде потребно да се изградат 140 километри секундарна мрежа, при што комплетната инвестиција ќе изнесува околу 10 милиони евра. Се очекува цената на приклучување на гас да не биде повисока од 800 евра за домаќинствата и истата да изнесува од 2.000 до 6.000 евра за компаниите.
Бојан Блажевски