Претходна статија
Струга ќе добие нов Генерален урбанистички план до 2020 година
Следна статија
Државата ќе воведува еколошки налепници за возилата за сузбивање на аерозагадувањето

Куманово со европски пари доби нови 26 километри канализациона мрежа

Објавено на 06.01.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

По една и пол година од почетокот на градежните работи, Општина Куманово успешно го реализираше проектот за реконструкција и надградба на канализационата мрежа во градот. Со проектот се изведе нова подземна инфраструктура со должина од 26 километри, со што се замени 20% од целокупната канализација во Куманово. Во изјава за порталот „Кумановски муабети“, директорот на кумановскиот „Водовод“, Горан Стојковски вели дека со проектот е изведена канализација во населбата „Гладно поле“ и во селата Романовце, Режановце и Лопате.

 

Паралелно со новата инфраструктура за одведување на отпадните води, во централното градско подрачје на Куманово е променета досегашната мрежа. Во проектот се инвестирани 4,3 милиони евра преку Инструментот на ЕУ за претпристапна помош (ИПА). Градежните работи започнаа да се изведуваат кон крајот на јули 2016 година. На овој проект работеше струмичката градежна фирма „Жикол“. Успешното завршување на овој проект е логично продолжение на изградбата на пречистителната станица за отпадни води во Куманово, со која трајно се реши проблемот со загадувањето на водите од овој регион.