Проектот „Скопје 2014“ на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ правел континуитет со пост-земјотресната обнова на Скопје. Скопскиот градоначалник Коце Трајановски на ваков начин го толкува сето она што беше изградено сите овие години во центарот на градот. На вчерашното отворање на изложбата по повод одбележувањето на 54 години од земјотресот, градоначалникот Трајановски во својот говор најде континуитет онаму каде што стручната јавност пронаоѓа жестока критика кон постојниот развој на главниот град.
„Таа 63-та, веста за пустошот што го остави скопскиот земјотрес бргу се прошири низ светската јавност, а хуманоста на светот не изостана. Скопје го добива епитетот град на солидарноста и забрзано се развива во модерна урбана средина. Пет деценискиот сон на скопјани да се возобноват Театарот и официскиот дом се оствари пред неколку години со помош на претходната Влада, а во МНТ веќе се играат претстави, а зградата на офицерскиот дом е во изградба… Се изградија и многу други институции по должина на кејот на реката Вардар, музеи, спомен обележја кои зборуваат за нашата тешка историја низ која чекориме…“ посочил градоначалникот Трајановски во своето обраќање одржано во Музејот на град Скопје.
Во рамките на одбележувањето на 54 години од скопскиот земјотрес, вчера вечер беа отворени две изложби во објектот на некогашната железничка станица. Изложбата АрхиТРАНСформа-Archiбелези на авторките Јасминка и Екатерина Намичева прави преглед на училишните објекти изградени во Скопје во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941 година).
Во Музејот на град Скопје беше отворена и изложбата „Concrete memories“ на германскиот фотограф Матијас Шуман. Овој настан е направен преку програмата за културна размена по повод 50 години од збратимувањето на Скопје и германскиот град Дрезден. „Користејќи фотографии од типични модернистички згради, впечатливи детали, ентериери и простори како основа за фотографски рекомбинации, овие колажи сакаат да ги запаметат културните, естетските и историските вредности на тоа модернистичко архитектонско наследство“ се наведува во описот на изложбата.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk