Косовската влада планира да инвестира 208 милиони евра во обнова на тамошните пруги во должина од 148 километри. Првата фаза од проектот ја опфаќа санацијата на железничката линија од Приштина до граничниот премин Блаце. Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја објави информацијата дека тендерот за оваа етапа би можел да се објави до крајот на 2017 година. Вкупната должина на пругата е 64 километри, а со инвестицијата би можело да се подигне брзината на движење на возовите до 100 километри на час. Пругата од Приштина до Скопје е единствената меѓународна железничка линија во Косово, на која се одвива целокупниот товарен и патничкиот сообраќај со странство.
*Железничката пруга помеѓу Скопје и Приштина денес
Проектот за обнова на железничката инфраструктура во Косово се подготвува веќе неколку години наназад. Со претстојниот зафат би се обновиле пруги во должина од 148 километри. Покрај пругата Приштина-Скопје, со втората фаза од проектот би се ставила во функција линијата од Приштина до Косовска Митровица, додека во последната етапа би се воспоставило железничко поврзување со Србија на север. Финансиските средства се обезбедени од Европската Комисија, Европската банка за обнова и развој и Европската инвестициска банка.
Откако ќе се заврши капиталниот проект, Република Косово би се вклучила со свој крак во паневропскиот Коридор 10. Овие планови би овозможиле повторно воспоставување на меѓународен железнички сообраќај во правецот север-југ. Во рамките на поранешна Југославија, Приштина беше една од позначајните железнички станици во федерацијата, со патнички возови кои од косовскиот главен град сообраќаа до Минхен, Атина и сите поголеми градови од Југославија. Голем дел од експресните возови меѓу Скопје и Белград до распадот на Југославија сообраќаа преку Приштина. Доколку се оствари овој проект, тој ќе значи зголемување на железничкиот превоз на стока и патници и во Македонија.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk