Министерството за транспорт и врски ја избра скопската фирма „Коп-инженеринг“ за да го догради и реконструира водоводот во Виница. Станува збор за втората фаза од обновата на водоводната мрежа во овој град, која ќе се реализира во наредните осум месеци. Од државниот буџет за оваа намена се обезбедени 6.486.253 денари, се наведува во објавениот договор на веб – страницата на Бирото за јавни набавки. На тендерот учествувале 11 компании, а основен критериум за избор на изведувачот била доставената најниска цена. Тендерската постапка за реализација на овој проект беше објавена на почетокот од октомври 2017 година.
Со втората фаза од изградбата и реконструкцијата на водоводот во Виница е планирано да се заменат постојните азбестни цевки со нови полиетиленски. Со неговата реализација во целост ќе се реши проблемот со дотраеноста на водоводната мрежа во овој град. Со првата етапа од овој проект пред речиси пет години беа променети водоводни цевки со должина од 4.367 метри долж неколку улици во Виница.