Претходна статија
Поставен камен - темелник на Турскиот театар
Следна статија
Наместо архитекти, политичари ќе одлучуваат за изгледот на македонските градови

Концесионер ќе го гради автопатот кон Косово

Објавено на 19.01.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

#Наместо преку кредити од меѓународните финансиски организации, автопатот Скопје – Блаце ќе го гради и со него ќе управува приватна компанија. Министерството за транспорт и врски потпиша договор со ИФЦ (IFC – International Finance Corporation) за изработка на документација за објавување на тендер со кој би се барал концесионер, пишува економскиот интернет – портал „Фактор“. Медиумот наведува дека меѓународниот тендер за оваа делница се очекува да биде објавен по завршувањето на претседателските избори. ИФЦ досега ја советуваше македонската влада во рамките на проектот за изградба, одржување и наплата на патарини на автопатот Скопје – Гостивар – Кичево, но и за хидроелектраните „Чебрен“ и „Галиште“.

 

Според Програмата за работа на Владата на Р.М. што се однесува на инфраструктурата, изградбата на автопатот од скопски Стенковец до границата со Косово треба да се заврши најдоцна до 2018 година. Ако не се пронајде приватен концесионер за оваа делница, тогаш ќе се бараат други начини за реализација на проектот. Вкупната должина на идниот автопат изнесува 13 километри. Ширината на коловозот ќе изнесува 27,4 метри, со по две коловозни ленти со ширина од 3,75 метри во секој правец, по една лента за застанување со ширина од 2,5 метри и разделна лента помеѓу двата правци. Сегашната проценета вредност на автопатот изнесува 69 милиони евра.

 

Покрај македонската страна, во моментов на изведба на автопатот Скопје – Приштина работи и Косово. Пред неколку дена, нашиот северен сосед го избра американско – турскиот конзорциум „Бехтел – Енка“ за изградба на делницата од Приштина до Генерал Јанковиќ. По потпишувањето на договорот, автопатот треба да се комплетира во рок од 42 месеци. За сериозноста на косовската страна, говори и податокот дека овој конзорциум досега работеше и ја заврши автопатската врска на оваа земја кон Албанија, но и неколку делници во внатрешноста на Косово.