Владата на Република Македонија донесе одлука за отпочнување на процесот за склучување договор за воспоставување јавно – приватно партнерство за изградба на дистрибутивен систем на природен гас во скопскиот регион. Инфраструктурниот зафат ќе се реализира преку избор на концесионер, кој во замена за стопанисувањето со дистрибутивната мрежа во период од 20 години ќе биде должен да го проектира, финансира, изгради, одржува и развива системот за дистрибуција на природен гас во сите 17 општини од скопскиот регион, чија вкупна почетна вредност е проценета на 98,4 милиони евра. По завршувањето на концесискиот период, целокупната инфраструктура ќе премине во сопственост на државата. Повикот за избор на приватен партнер за реализација на проектот ќе се распише во текот на наредните денови и истиот ќе трае до 25 мај 2014 година.
Владината одлука е донесена врз основа на усвоената Физибилити студија за развој на дистрибутивни мрежи на природен гас во скопскиот регион. Во првите пет години од концесискиот период, планирано е да се реализираат подготвителните работи и изградбата на гасоводната мрежа. Примарната дистрибутивна мрежа ќе биде долга 250 километри, при што концесионерот ќе мора во првите пет години да изгради најмалку 70%, односно 175 километри од планираниот гасоводен систем, и тоа најмалку 51% од предвидената мрежа во општините Аеродром, Центар, Кисела Вода, Карпош, Ѓорче Петров, Гази Баба, Чаир и Бутел и најмалку по 20% од дистрибутивната мрежа во секоја од останатите помали општини во скопскиот регион. Изведбата на останатиот дел до задолжителните 70% ќе ја определи концесионерот врз основа на динамиката на приклучување и пројавениот интерес во секоја општина.
Приватниот партнер во овој крупен проект е должен најпрво да ги гасифицира населените места со најголем број на станбени единици. За секое друго населено место од општината, концесионерот ќе мора да изгради дистрибутивен систем за природен гас само ако интерес за приклучување пријават 20-25% од граѓаните. Владините проекции што денеска ги изнесе премиерот Никола Груевски се дека првите приклучоци на природен гас ќе се реализираат уште во втората година од изведбата на инфраструктурата. „Изградбата би се одвивала во периодот од 2015 до 2019 година, меѓутоа дел од дистрибутивниот систем за природен гас ќе биде пуштен во работа веќе во 2016 година“, изјави Груевски.
Компаниите што сакаат да учествуваат на повикот за воспоставување на јавно – приватно партнерство ќе мора да ги задоволат следниве критериуми: да имаат искуство во оперирањето со дистрибутивни системи за природен гас во урбани средини подолго од пет години, веќе реализираните системи треба да имаат повеќе од 40.000 корисници и компаниите да имаат годишен приход не помал од 40 милиони евра на годишно ниво. Приклучната такса за еден просечен стан од 80 метри квадратни би изнесувала 100 евра, додека приклучната такса за куќа од 240 метри квадратни би изнесувала околу 300 евра.