Јавното претпријатие „Струмица гас“ склучи договор со компанијата „Конти Хидропласт“ од Гевгелија за изведување на секундарната гасоводна мрежа во Струмица во должина од 7 километри. Цевките со кои е планирано да се овозможи приклучување на домаќинствата и компаниите ќе треба да се постават најдоцна до крајот на јули 2013 година, со што на целиот град би му се овозможило ползувањето на гасот како енергенс. Вредноста на договорот изнесува 20 милиони денари односно околу 325 илјади евра, а финансиските средства се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа. Во меѓувреме, активно се работи на инсталирање на декомпресиската станица, со која транспортираниот гас со цистерни од Бугарија ќе може да се употребува за задоволување на потребите на корисниците.
Во Струмица паралелно се работи и на запознавање на граѓаните со предностите на употребата на гасот како енергенс. Околу 200 домаќинства веќе покажале интерес за нивно приклучување кон постоечкиот примарен цевковод, кој е во должина од 12,15 километри. Најголема неизвесност околу целокупниот проект претставува непознатата цена по која струмичани ќе треба да го купуваат гасот од „Струмица гас“. Помеѓу експертите постои скепса дека скапиот превоз на природниот гас со цистерни од Бугарија ќе ја зголеми неговата вредност, со што би се намалила конкурентноста во однос на огревните дрва, струјата и мазутот. Струмица би можела да го почувствува вистинскиот благодет од гасот дури по долгонајавуваната изградба на магистралниот гасовод на ниво на целата земја. Вкупната вредност на проектот за гасификација на Струмица изнесува 230 милиони денари или околу 3,7 милиони евра.