Ќе се проширува секундарната дистрибутивна гасоводна мрежа во Струмица. Ј.П „Струмица – гас“ ја избра гевгелиската фирма „Конти – хидропласт“ за изградба на дополнителна гасоводна траса со должина од максимум 14 километри на територијата на општина Струмица. Проширувањето на гасификацијата во Струмица би се реализирало во наредните 12 месеци, за што се одвоени финансиски средства во висина од 37 милиони денари. Најповолниот изведувач е избран во конкуренција на три понуди доставени од различни компании, при што главниот критериум за избор беше понудената најниска цена за планираните изведбени работи.
Општина Струмица и Ј.П. „Струмица – гас“ во изминативе години успеаја да изградат дистрибутивна гасоводна мрежа со должина од 35 километри. Локалните власти во изминатава пролет работеа на гасификацијата на горните делови од градот, вклучувајќи го и старото градско јадро на Струмица.