Претходна статија
Заврши санацијата на мостот „Гемиџии“ во Велес
Следна статија
„Кермес“ една деценија лута низ градителските лавиринти

Консултант ќе работи на проектот за пругата Крива Паланка – Деве Баир

Објавено на 21.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

##Делегацијата на Европската унија го одобри предлог – проектот за изработка на основниот проект за делницата Крива Паланка – Деве Баир, а кон средината на месецов беше распишан и оглас за избор на консултант што во рок од 22 месеци ќе треба да го изработи основниот проект за третата фаза од изградбата на железничкото поврзување на нашата земја со Бугарија. Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека заинтересираните компании треба да се пријават до 20 ноември. Со изготвувањето на основниот проект ќе се знае и конечната сума што ќе треба да се одвои за изведбата на пругата, која во моментов се проценува на околу 330 милиони евра. Од ИПА фондовите на Европската унија се обезбедени 3,5 милиони евра за подготовка на проектната документација.

 

Од надлежното министерство информираат дека во тек се градежните работи за реконструкција на железничката пруга од Куманово до Бељаковце со должина од 31 километри, која треба да се заврши во третиот квартал од 2016 година. За делницата од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри веќе е потпишан договор за изработка на основниот проект со компанијата Обермаер Хелас ЛТД, која треба да ја изготви документацијата во рок од 24 месеци.

 

Процесот за избор на градежна компанија што ќе ја реализира втората фаза од железничкиот Коридор 8 веќе е започната. Предквалификацијата ќе започне наредниот месец, додека во март 2015 година ќе следува и финалната постапка за избор на изведувач. Договорот со најповолниот понудувач треба да се потпише во август 2015 година, а градежните работи ќе почнат во првиот квартал од 2016 година. Инвестицијата оваа делница е во висина од 145 милиони евра, за што преговорите со Европската банка за обнова и развој се веќе финализирани и се очекува потпишување на договорот за заем.