Општина Центар објави архитектонски Конкурс за избор на идејно решение за идната повеќенаменска спортска сала „Градски парк“ за кошаркарскиот клуб „Работнички“. Новиот објект треба да има капацитет од 3.000 гледачи и ќе се гради на местото на постоечката спортска сала изградена на почетокот од 70-те години на дваесеттиот век. „Претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ сакаше тука да гради 30 метарска барокна катна гаража на парцелата до салата, решение на кое актуелното општинско раководство силно се спротивстави“ велат од општина Центар.
Локалните власти истакнуваат дека конечно ја спречиле изградбата на катната гаража, по што е одлучено да се распише архитектонскиот Конкурс. Самиот проект ќе се реализира по пат на јавно-приватно партнерство, при што приватниот инвеститор ќе се бара по комплетирање на проектната документација. Градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски уште минатата година ја најави изградбата на новата спортска сала во Градскиот парк наменета за кошаркарскиот клуб „Работнички“.
Спортската сала „Градски парк“ ќе биде повеќенаменски објект, во кој ќе се одржуваат тренинзи и натпревари за кошарка, ракомет, одбојка, мал фудбал, боречки вештини и тенис. Комплексот ќе располага со амбуланта за итна помош, фитнес центар, помошна сала, клупски простории и кабинети по физичко, простории за масажа и физиотерапија, перална, прес центар, коментаторски кабини и соба за режија. Салата ќе има три групации на соблекувални со тушеви и санитарии во склоп на соблекувалните.
Новиот спортски објект ќе има и фан шоп, гардероби, ресторан, кафетерија, игротека, како и канцелариски простории за кошаркарскиот клуб „Работнички“. Општинските власти предвиделе надземен паркинг за автобуси и камиони и подземен паркинг за автомобили со капацитет од 150 до 200 возила. Архитектонските бироа имаат рок до 21 јули за да достават идејни решенија до општина Центар.