Претходна статија
Ќе се реконструира трговскиот центар „Рамстор“
Следна статија
И Панко Брашнаров со барокна палата во центарот на Скопје

Конкурс за изгледот на пет нови плажи на Охридското езеро

Објавено на 03.10.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Неколку дена по објавувањето на информациите за изградба на нови плажи во Охрид, Министерството за транспорт и врски објави Конкурс за избор на архитекти и бироа што би изработиле пет идејни решенија за уредување на плажи на брегот на Охридското езеро. Станува збор за уредување на 120 метри плажа во населеното место Далјан, 120 метри плажа во близина на т.н. Извиднички камп, 700 метри плажа на потегот од местото викано Студенчишта до хотел „Парк“, 500 метри плажа во Љубаништа и 120 метри плажа во Лагадин.

 

* Победничкото идејно решение за плажата кај Подмоље

 

 

Од авторите се бара со својата креативност да ги задоволат пропишаните критериуми на Конкурсот, и тоа: оригиналност и иновативност, изводливост, пристапност до и во локацијата за лицата со посебни потреби, вид и квалитет на понудените материјали и нивната трајност и читливост на идејата на проектот. Архитектонските трудови ќе треба да се достават најдоцна до 7 ноември. За избор на најсоодветните идејни решенија, Министерството за транспорт и врски формираше посебна жири – комисија во состав: Иванка Дуковска, Љубомир Поповски, Александар Наумовски и Божин Ложанкоски.

 

Комисијата што ќе одлучува за победничките архитектонски дела ќе додели прва награда за најдоброто идејно решение во висина од 200.000 денари, втора награда во износ од 100.000 денари и трета награда од 50.000 денари. Истовремено, надлежното министерство го задржува правото за откуп на најмногу два други труда во висина од по 20.000 денари.

 

Со финансиска помош од државниот буџет, планирано е да се изградат најголем дел од новите плажи во периодот до 2017 година. За најавената плажа кај Подмоље веќе е избрано идејно решение.

 

 

Бојан Блажевски