Претходна статија
Државата ќе подготви проект за изградба на патна обиколница околу Ресен
Следна статија
На „Ленинова“ се руши незаконски поставената опрема од угостителски објекти

Конкурс за избор на идејно решение за затворен олимписки базен

Објавено на 28.06.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Агенцијата за млади и спорт денеска го објави архитектонскиот Конкурс за избор на идејно решение за изградба на затворен олимписки базен. Станува збор за типски објект што би се изградил на различни локации низ земјава. Спортското здание треба да има базенско корито со должина од 25 метри, ширина од минимум 8,80 метри и длабочина од 0,8 до 1,4 метри. „Овој објект треба да овозможи услови за одржување на настава по пливање, обука на непливачи, тренинг, рекреација и натпревар преку целата година за учениците, спортистите, младите луѓе и граѓаните од општината“ се наведува во распишаниот Конкурс.

 

 

Идниот затворен олимписки базен би имал санитарии, соблекувални и туш кабини, трибински простор за одржување на локални натпревари, но и паркинг во склоп на објектот. Овие типски зданија би се граделе во склоп на постоечки спортски комплекси, училишни дворови или други објекти низ општините. Пристигнатите архитектонски трудови на овој конкурс ќе се вреднуваат врз основа на следниве критериуми: функционалност и применливост, иновативен пристап и оригиналност на идејата, економичност на изведбата, изводливост и одржливост на објектот и енергетска ефикасност.

 

Оформеното жири во состав: Александар Радевски, Фетах Фетаху, Бошко Лепчески, Стефан Степаноски и Мартин Стефановски е задолжено да ги одбере трите најуспешни идејни решенија доставени на Конкурсот. Првата награда за најсоодветниот архитектонски труд е со нето износ од 50.000 денари, второнаградениот автор ќе се стекне со 20.000 денари, додека третата награда е во вредност од 10.000 денари.

 

Изработените идејни решенија од архитектите треба да се достават до Агенцијата за млади и спорт најдоцна до 10 август. Повеќе детали за архитектонскиот Конкурс може да се добијат на следниов линк.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk