Министерството за надворешни работи денеска го објави огласот за набавка на идеен и главен проект за санација и надградба на Канцеларијата за врски на Република Македонија во Атина. Проценетата вредност на потребната проектна документација би чинела околу 480.000 денари, со вклучен ДДВ. Главната цел на министерството е да се обезбеди техничка документација за претстојните градежни и градежно занаетчиски работи што ќе се одвиваат во ова наше здание во грчкиот главен град.
Идејниот и главниот проект ќе бидат неопходни за планираните функционални и естетски измени во ентериерот и во екстериерот на објектот во кој е сместена Канцеларијата за врски. Проектната документација треба да ја вклучи и предвидената надградба на спрат, надкриен со кров на објектот. Со претстојните зафати е зацртано да се прошири и уреди приемниот хол во приземјето, да се предвиди отворање на нов конзуларен влез за странки и да се адаптира канцеларија за чекална со тоалет, да се адаптира станот на приземјето и да се спојат помалите канцеларии на спратот од објектот на Канцеларијата за врски.
Како што се наведува во огласо идејниот и главниот проект треба да ја опфатат и предвидената сеопфатна санација на овој објект. Министерството за надворешни работи очекува понудите за учество во тендерската постапка од заинтересираните проектантски бироа да се достават најдоцна до 13 ноември.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk