Министерството за транспорт и врски распиша Конкурс за изработка на идејно решение за уредување на една плажа на крајбрежјето на Охридското езеро, на територијата на Општина Дебарца. Право на учество имаат сите домашни и странски архитектонски бироа и дипломирани инжинери и архитекти. Пристигнатите трудови ќе се селектираат според неколку критериуми, и тоа: оригиналност и иновативност, изводливост, пристапност до и во локацијата на лицата со посебни потреби, вид и квалитет на понудените материјали и нивна трајност, и читливост на идејата на проектот. Идејните решенија треба да се достават најдоцна до 15 август.
Вреднувањето на трудовите ќе го врши жири – комисија во состав: Ристе Атанасов, Љубомир Поповски, Божин Ложанкоски и Александар Наумовски. На најдобрите идејни решенија ќе им се доделат награди, и тоа прва награда во висина од 30.000 денари, втора награда во висина од 20.000 денари, трета награда во висина од 10.000 денари, а комисијата ќе може да откупи уште два труда во висина од по 10.000 денари.
Министерството за транспорт и врски во изминатиов период работи на уредување на две плажи на Дојранското и на Преспанското езеро. При крај е изведбата на новата градска плажа во Дојран, а во следниов период треба да започне уредувањето на плажата во преспанските населби Стење и Сливница.