Во тек е изградба на телото на браната, а паралелно се одвиваат градежно – монтажни работи и на другите објекти на хидроелектраната Света Петка (Матка 2). Браната е двојна лачна, со висина од 69 метри, должина на круната од 118 метри и волумен од 24.600 метри кубни. Акумулацијата при максимално ниво ќе покрива површина 0,62 километри квадратни и ќе биде долга 11 километри. Нејзиниот вкупнен волумен ќе достигнува 9,1 милиони метри кубни вода, а активниот волумен ќе изнесува 1,1 милион метар кубен. Генераторите ќе ги придвижуваат две „Францис“ турбини, со моќност од по 18,2 мегавати, односно вкупна моќност од 36,4 мегавати. Годишното производство на електрична енергија се проценува на 66 гигават часови.
ХЕ Св. Петка е алката која недостасува за оптимално искористување на хидропотенцијалот на реката Треска. Таа е лоцирана помеѓу хидроелектраните Козјак и Матка и заедно со нив ја сочинува каскадата која покрај производство на електрична енергија, овозможува и значајно регулирање на приливот на вода во Вардар. Инвестицијата во овој нов капацитет на „ЕЛЕМ“ изнесува околу 64 милиони евра, од кои 41 милион се кредитно задолжување, а 23 милиони сопствени средства на компанијата.
Пуштањето во погон на ХЕ Св. Петка првично беше планирано за март 2009 година. Изградбата започна уште во февруари 2004 година кога „Мавровоинженеринг“ и скопски „Бетон“ го пробија пристапниот пат, и ги изградија опточниот тунел и преливната шахта. Словенечки „Рико“ стартуваше со својот дел на работите во јуни 2006 година, но оттогаш изградбата беше проследена со многубројни проблеми и застои. Според последните најави на директорот на „ЕЛЕМ“, Влатко Чингоски, хидроелектраната треба да биде готова до крајот на годинава.