По неколку прекини на градежните работи и едногодишно доцнење на официјалното пуштање во употреба, министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и градоначалникот на Битола Владимир Талески денеска го прогласија за отворен Домот за сместување на стари и изнемоштени лица „Сју Рајдер“ во Битола. Новоизградените два објекти од домот може да примат 150 стари лица, и тоа во двокреветни и трикреветни соби со сопствен тоалет. Во изградбата на објектот се инвестираа финансиски средства во износ од 850.549 евра, од кои околу 650 илјади евра беа добиени преку ИПА фондовите на ЕУ, а 178 илјади евра беа обезбедени од локалниот буџет на општина Битола.
Градежните работи на објектот ги изведе компанијата „БВ Инженеринг“ од Битола. Реализацијата на овој проект започна во февруари 2012 година и истиот требаше да се комплетира во рок од една година. Поради проблеми со надзорот над изведените активности на градилиштето, проектот неколку месеци беше во застој. На локацијата на новото здание, во минатото постоеја две бараки изградени во 1967 година, кои ниту оддалеку не ги задоволуваа потребите за сместување на старите и изнемоштени лица од Битола.