Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) ја избра словенечката фирма „Рудис“ од Трбовље за изработка на физибилити студија за реализација на третата фаза од модернизацијата и ревитализацијата на РЕК „Битола“. Документот треба да понуди најдобри практични решенија за намалување на оксидите на сулфур и прашина што се исфрлаат во воздухот при работењето на битолската термоелектрана. Рокот за исполнување на договорот е 24 месеци, а неговата вредност изнесува 21.625.860 денари или околу 350.000 евра. Изборот на консултант за подготовка на физибилити студијата следува по 10-месечен период во кој се бираше најповолен понудувач на два тендери.
Државната компанија ЕЛЕМ планира да пристапи кон поставување на неопходната опрема во РЕК „Битола“ дури откако ќе бидат познати најповолните модалитети од идната физибилити студија. Десулфуризацијата на излезните гасови од котлите на битолската термоелектрана треба да се спроведе што побргу, со цел да се надмине проблемот со загадувањето на воздухот во битолскиот регион. Во согласност со важечките директиви на Европската унија, испуштањето на сулфурните оксиди кај сите термоелектрани на европско ниво мора да се намали на 200 mg/Nm2.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk