Реконструкцијата на железничката пруга од Битола до Кременица, односно до грчката граница, ќе започне со реализација до крајот на годинава. Огласот за избор на изведувач на градежните работи треба да биде објавен во текот на наредниот месец, а по три месеци ќе се знае кој ќе ја добие зделката. Во меѓувреме пристигнуваат понудите од компаниите заинтересирани за надзор врз зафатот. По завршување на сите процедури, се очекува градежните активности да стартуваат во втората половина од годинава. „Во текот на оваа година ќе започнат градежните работи. Постапката за надзор е објавена, целокупната тендерска документација за градежни работи е одобрена од страна на Европската делегација, очекуваме во текот на април да биде објавена. Периодот за пријавување на компаниите е 90 дена. Оваа година ќе склучиме договори и ќе започнеме со градежните работи“ најавува министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.
Нашата држава за овој инфраструктурен зафат ќе добие неповратни средства од фондовите на ЕУ. Според најновите информации, реконструкцијата е предвидено да трае 18 месеци, а ќе се изведе и железнички крак кон индустриската зона Жабени. Инаку јавноста за проектот беше првично информирана на почетокот на 2010 година, кога се најавуваше дека градежните работи ќе започнат во 2013 и ќе завршат во текот на 2014 година. Пругата Битола – Кременица со должина од 17 километри, која е дел од паневропскиот Коридор 10д е затворена за сообраќај уште од 1986 година.