По повеќе од една година од склучувањето на договорот, денеска започна изградбата на патната инфраструктура за поврзување на комплексот „Милци“ со автопатот од Коридорот 10. Хотелите, казината и индустриските објекти во близина на граничниот премин „Богородица“ треба да се поврзат со нова клучка и сообраќајна мрежа на автопатот. Сервисниот пат со натпатникот треба да обезбедат полесно вклучување и исклучување на посетителите на објектите од комплексот „Милци“. Градежните работи за изведба на патната инфраструктура треба да завршат во рок од шест месеци.
За изведба на примарната и на секундарната патна мрежа, од локалниот буџет на општина Гевгелија ќе се потрошат 66.993.134 денари, односно околу 1,1 милиони евра. За изведувач на работите е избрана фирмата „ЕУРОИНГ Ѓорѓе“ од Гевгелија.