Без стручна расправа од домашни и странски експерти и без изработена физибилити студија за нејзината оправданост, по втор пат се најавува изградба на крстосница на два ката кај трговскиот центар Мавровка. И овој пат, наместо детали да се објават на веб-страницата на Градот Скопје, информациите се распространија во дел од провладините медиуми. Постоечката раскрсница помеѓу булеварите Гоце Делчев и Крсте Петков Мисирков, предвидено е да прерасне во сообраќајница на две нивоа, која воедно би била и прва од ваков тип во земјава. Проектната документација ќе треба да ја изработи градската власт годинава, за што од буџетот се планирани три милиони денари.
Додека се подготвува теренот за реализација на уште една брзоплета идеја, засега никој не ги открива причините поради кои ќе се гради крстосница на два ката на оваа локација. На јавноста не и е објаснето како ќе биде решено минувањето на пешаци кај идното градилиште, ниту како поточно на просторот помеѓу трговскиот центар „Мавровка“ и Судската палата ќе се изведе вакво инфраструктурно решение. Воедно, крајната сума за изградба на замислената крстосница досега не е официјално објавена, ниту пак е појаснето дали градскиот буџет може финансиски да издржи еден ваков проект. Колку за потсетување, Градот Скопје пред повеќе од една година се откажа од подземната сообраќајница под плоштадот „Македонија“ од финансиски причини.
И додека нови проекти за можно решение на сообраќајниот хаос се лиферуваат во јавноста, на некои инфраструктурни решенија не се работи неколку децении наназад. Меѓу важните за развојот на главниот е град е и поврзувањето на булеварот Климент Охридски и „Пластичарската улица“ со нов мост преку реката Вардар и тунел под Скопското кале. Иако многупати најавуван и одамна зацртан во Генералниот урбанистички план, градската власт никако да почне со реализација на овој проект.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk