Претходна статија
„Охрид СОС“ со барање за мораториум околу урбанизацијата на Студенчишко блато
Следна статија
Распределени субвенциите за вградени соларни колектори

Кој проект од стотици милиони евра е договорен во 2015 година?

Објавено на 05.06.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На почетокот од 2015 година е договорен огромен градежен проект вреден стотици милиони евра, но засега останува нејасно за што поточно станува збор. Државниот завод за статистика пред неколку дена објави извештај, во кој е наведено дека во првиот квартал се договорени градежни работи во вредност од фантастични 63.148.192.000 денари, односно над една милијарда евра. Овие статистички податоци покажуваат дека гигантскиот проект е склучен во периодот јануари – март 2015 година, но не е прецизирано какви градежни активности ќе се реализираат.

 

 

 

Истовремено, Државниот завод за статистика пресметал дека на почетокот од 2015 година е договорена изведба на градителски проекти која е поголема за 74,1% во споредба со првиот квартал од 2014 година, период кој ќе остане запамтен по тоа што започна изградбата на двата нови автопати Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид. Вредноста на извршените градежни работи во периодот јануари – март 2015 година изнесува 4.348.446.000 денари (70,7 милиони евра), што претставува намалување од 5,4% во споредба со истиот период лани. Дилемата останува ако се земат во предвид и информациите од водечките македонски градежни компании на почетокот од 2015 година, кои не објавија ниту еден извештај во кој наведуваат дека се подготвуваат за реализација на некој крупен зафат во анализираниот временски период.

 

Единствен позначаен инфраструктурен проект што започна да се гради во првиот квартал од 2015 година е гасоводот Клечовце – Штип. Градежните работи на терен ги изведува руската компанија „Стројтрансгас“, која воедно се споменуваше и како изведувач на активностите за изградба на гасоводот „Јужен поток“ низ територијата на Бугарија. Барем официјално, гасоводот во источна Македонија е со вредност од 75,5 милиони долари и со моќност за пренос на 105.500 метри кубни гас во еден час. Водечките руски медиуми „РИА Новости“ и „Комерсант“ во март најавуваа дека овој гасовод може да се прошири кон границата со Грција, со дополнение дека истиот може да дозволи Македонија, Србија, Унгарија и Австрија да се снабдуваат со природен гас преку проектот „Турски поток“.

 

 

Бојан Блажевски