Градот Скопје и Општина Центар си ја префрлаат топката околу поставувањето на спомениците на Јосиф Багери, Пјетер Богдани и Неџат Аголи од владиниот проект „Скопје 2014“. Владините министерства вршат притисок врз локалната самоуправа на Центар за да ги постави обележјата на овие албански дејци на планираните локации, додека градоначалникот Андреј Жерновски тврди дека надлежноста за истите е префрлена на Град Скопје. Од Општина Центар посочуваат дека градските власти се одговорни за чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомениците од проектот „Скопје 2014“.
Градоначалникот Андреј Жерновски изјави дека Општина Центар нема намера да учествува во поставувањето на споменици од проект со кој не се согласува. „Парите префрлени од Министерството за култура ќе ги исплатиме, бидејќи тие се наменски, иако би сакал да ги пренаменат за нешто покорисно. Значи, ова е обврска на Град Скопје. Топката ја префрлија меѓу двата изборни круга, кога ги поставија сите преостанати споменици, освен овие три, сакајќи да ги остават на новото раководство во општината“, посочува Жерновски.
Од Градот Скопје денеска излегоа со соопштение за новонастанатиот проблем. Тие тврдат дека во нивна ингеренција е чувањето, одржувањето, заштитата и користењето на спомениците и спомен – обележјата во централното градско подрачје, кои се регулирани со договор од 25.10.2013 година. „Оттука јасно е дека обврската за подигање на спомениците на Пјетар Богдани, Јосиф Багери, како и на Неџат Аголи е на Општина Центар, за што имаат добиено и финансиски и локациски услови, а по нивното поставување, Град Скопје ќе ги преземе за одржување, заштита, чување и користење“, велат од Градот Скопје.
За да се оствари притисок за поставување на трите споменици, инспекциски служби од извршната власт денеска беа посета на Општина Центар. Службени лица од Министерството за информатичко општество и администрација, Министерството за култура и од Министерството за локална самоуправа извршија инспекциски надзор во врска со преостанатите три споменици од проектот „Скопје 2014“. Поставувањето на овие споменици се одложува речиси три години, откако во 2013 година центарот на Скопје беше преплавен со споменици на важни личности од македонската историја.
» Форумска дискусија за поставувањето на споменици и скулптури