Општина Битола продолжува со изградбата на киното „Манаки“ на Широк Сокак. Втората фаза од проектот, исто како и првата, ќе ја изведува „БВ Инженеринг“. Битолската градежна фирма во рок од 12 месеци и за сума од 11.224.180 денари (околу 180.000 евра) ќе треба да ги заврши градежно – занаетчиските работи и електриката на вториот дел од објектот. Изградбата на киното „Манаки“ трае повеќе од две и пол години. Објектот се гради на идентична локација на која се наоѓало некогашното кино кај ресторан – барот „Корзо“ на Широк Сокак.
Киното „Манаки“ ќе се простира на површина од 378 метри квадратни, во чии рамки е предвидена сала за проекција на филмови со капацитет од 150 седишта. Објектот има музејски простории и две восочни фигури на браќата Манаки. Локалната самоуправа во овој проект досега има вложено околу 30 милиони денари. Првата фаза од изведбата на објектот ја реализираа фирмите „БВ Инженеринг“ и „Техно“.