Претходна статија
Ќе се изготват проекти за реконструкција на автопатите од источниот излез на Скопје
Следна статија
„Визер“ ќе лета со субвенции од македонските аеродроми до 2022 година

Кичево бара од архитектите проект за нов стадион за 7.000 гледачи

Објавено на 21.12.2018 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

 

Општина Кичево денеска го објави Конкурсот за избор на идејно решение за повеќенаменски спортски комплекс и фудбалски стадион „Велазерими“ што е предвидено да се гради во овој град. Идната арена на фудбалот ќе има капацитет да прими 7.000 гледачи, со покриен трибински простор, простор за радио и тв коментатори, санитарни јазли, соблекувални, простории за судии и сите останати критериуми што ги бара УЕФА за одигрување на домашни и меѓународни фудбалски натпревари. Стадионот „Велазерими“ ќе се гради на површина од 38.166 метри квадратни во кичевската населба Загорје.

 

 

Во рамките на фудбалскиот стадион, од архитектите се бара да испроектираат спортски комплекс со тениско игралиште, затворен базен, сала за гимнастика, фитнес сала, повеќенаменско игралиште и други спортски содржини. Во склоп на комплексот треба да се вклучи и мултимедијален центар, во чии рамки е предвидено да се сместат кафетерии, ресторани, деловни простории, игротеки, куглана, центри за странски јазици, ординации и други содржини. Изработувачот на идејниот проект ќе треба да предвиди надземен или подземен паркинг простор за идниот повеќенаменски спортски комплекс во Кичево.

 

За избор на најсоодветното идејно решение е формирано шесточлено жири, во состав: Вјолца Абази, Бурим Кадриу, Ружди Алиу, Фисник Фејза, Сабедин Емини и Беким Мустафаи. Првата награда за најдобриот идеен проект е во висина од 350.000 денари, второнаградениот архитект ќе се стекне со 150.000 денари, додека третата награда е во износ од 100.000 денари. Изработените идејни решенија треба да се достават до општина Кичево најдоцна до 30 јануари 2019 година. Меѓу критериумите за доделување на архитектонските награди се наведени високото ниво на иновативност, впечатливост и оригиналност на идејното решение, уникатност на предложеното решение и долговечност на предложените материјали за вградување во речното корито и функционална организација на просторот према програмските барања.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk