Претходна статија
Стартуваше проектот за зонско паркирање во Тетово
Следна статија
Дебар Маало за првпат ќе добие парк

Кејот „13 Ноември“ ќе се претвори во улица

Објавено на 23.09.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

На Скопјани ќе им се одземе уште едно место на кое можеа да се движат како пешаци. Кејот „13 Ноември“ од шеталиште ќе се претвори во пристапна улица со режим на сообраќај. Улицата ќе биде надземна, иако првичната обврска на „Дивелоп Груп“ – инвеститорот на новиот објект во кој сега е сместено седиштето на „Македонски Телеком“, а за чии потреби ќе се гради сообраќајницата, беше дека таа ќе биде подземна и дека за нејзината изведба ќе вложат 1,5 милиони евра. Ваквото задолжение за инвеститорот произлегуваше од договорот за надоместок за добивање одобрение за градба од пред седум години. Во периодот од 2008 до 2010 година, Александар Ивановски, управител на „Дивелоп Груп“, неколку пати во медиумите ја потврдуваше обврската на фирмата и ги реафирмираше плановите за изградба на подземната улица.

 

 

 

За трансформација на планираната улицата од подземна во надземна, кон крајот на декември 2012 година беа направени измени во ДУП „Мал Ринг“, што беше трета измена на урбанистичкиот план таа година. Завчера Советот на град Скопје даде согласност за изведба на градежните работи од страна на „Дивелоп Груп“ – предвидено е улицата да се изведе од десната страна на кејот, на просторот кој граничи со мајор коритото на реката Вардар. Пристапната улица треба да ја поврзе административната зграда на „Телеком“ со улицата Филип Втори. Проектната документација е изработена од фирмата „Чакар партнерс“, а потребните средства ќе ги обезбеди „Дивелоп Груп“.