Претходна статија
Цената на становите во Скопје бележи пораст во третиот квартал
Следна статија
Македонија позајми 305 милиони евра за инфраструктурни проекти

Ќе се заинтересира ли Холивуд за филмскиот град во Зелениково?

Објавено на 05.12.2014 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Филмскиот град во Белград и филмското студио „Бојана“ во Софија треба да добијат остра конкуренција со замислениот комплекс за производство на филмови што ќе се гради во општина Зелениково. Во насока на пронаоѓање странски инвеститор, Министерството за транспорт и врски денеска го објави огласот за продажба на градежна парцела со површина од 157.267 метри квадратни, лоцирана помеѓу селата Таор и Пакошево. Покрај филмските камери и неопходната сценографија за снимање филмови, во идниот мини – град сепак ќе биде дозволено да се градат и хотелски комплекси, големи трговски единици, државни институции, образовни зданија и објекти за мали комерцијални и деловни дејности како компатибилни класи на намена.

 

Колку ќе бидат високи објектите од планираниот филмски град допрва ќе се определи со архитектонско – урбанистички проект, кој во моментов не е изготвен. Почетната цена на електронското јавно наддавање за огласеното земјиште изнесува 110 денари за метар квадратен. Заинтересираните субјекти треба да ги поднесат своите пријави за учество на електронската лицитација најдоцна до 2 февруари 2015 година, додека истата е предвидено да се одржи на 6 февруари. Покрај интерес, инвеститорот ќе треба да покаже дека остварил годишен финансиски обрт не помал од 50 милиони евра во последните три години, но и да достави банкарски гаранции за сериозност на понудата во висина од 100.000 евра и за изградба на објектите во износ од 1.000.000 евра.

 

Во замислениот филмски центар ќе се гради големо студио со површина од минимум 2.000 метри квадратни, средно големо студио што би се простирало на 700 метри квадратни, објект за сместување на фимска опрема и техника од минимум 500 метри квадратни, работилница за изработка на сценографија, реквизита, сетови на отворено, гардероба и костими, складиштен простор за сместување на реквизита, гардероба и костими, здание во кое би се одвивала аудио, видео продукција и постпродукција и административна зграда за филмскиот град. Со овој сложен комплекс на објекти, идниот инвеститор би ги обезбедил сите продукциски услуги за снимање на игран, документарен и анимиран филм, од самиот почеток до конечниот производ.

 

 

Бојан Блажевски