Општина Ресен денеска распиша оглас за избор на изведувач што ќе го уреди Паркот на природата Езерани, лоциран на дел од крајбрежјето на Преспанското езеро. Со зафатот е предвидено да се постави урбана опрема, информативни табли и други содржини кои ќе бидат во функција на развој на екотуризмот. Изведувачот ќе има рок за реализација на проектот од четири месеци, а доколку се земат во предвид и роковите за законските процедури во меѓувреме, се очекува проектот да се комплетира на почетокот на декември. Заинтересираните фирми треба да ги достават своите понуди најдоцна до 12 јули, за кога е закажано и нивното јавно отворање.
Паркот на природата „Езерани“ опфаќа површина од над 2.000 хектари во сливот на Преспанското езеро кај Голема река. Богатиот еко-систем поседува 217 видови на птици. Пред четири години овој атрактивен локалитет беше прогласен со закон како Парк на природата, односно истиот беше деградиран за четири нивоа на заштита од неговата претходна категоризација како резерват.