Градот Скопје планира да ја реконструира улицата „Ѓорче Петров“, најважната сообраќајница во истоимената општина, која се протега од објектот „СП Планет“ до излезот на Скопје кај мостот што води кон општина Сарај. Проектот ќе се одвива во фази, и во него ќе биде вклучено поставувањето на нов асфалт на коловозот. Зафатот следува откако Градот Скопје, во соработка со Ј.П. „Улици и патишта“, ја санираше велосипедската патека од левата страна долж целата должина на оваа скопска сообраќајница.
Почетната етапа од реконструкцијата на улицата „Ѓорче Петров“ е проценето дека ќе чини околу 490.000 евра. Санацијата на оваа скопска сообраќајница е неопходна, ако се земе во предвид лошата состојба во која истата се наоѓа денес. Долж целата траса има мноштво дупки на коловозот и бранови на дотраениот асфалт – последица на фактот дека реконструктивен зафат на улицата не е направен во изминативе неколку децении.