Наскоро ќе исчезнат дупките на коловозот на булеварот „Партизански одреди“ во населбата Влае. Градот Скопје денеска распиша тендер за реализација на инфраструктурниот зафат, за којшто е предвидено да се одвојат 41 милион денари. Санацијата на коловозот на оваа скопска сообраќајница ќе се одвива на потегот од мостот „Обединети Нации“ до кружниот тек на улицата „Ацо Шопов“ во населбата Влае. Како што се наведува во објавениот тендер на Електронскиот систем за јавни набавки, изведувачот ќе треба да ги заврши градежните работи во рок од 20 месеци.
Заинтересираните градежни фирми ќе можат до 13 август да ги достават своите понуди за учество во тендерската постапка, за кога е закажано и јавното отворање на понудите. Реконструкцијата на овој потег од булеварот „Партизански одреди“ не е направена со децении наназад, при што на неколку места на самиот мост „Обединети Нации“ и кај „Влајко“ постојат големи дупки и оштетувања на коловозот.