ЈП за државни патишта во претстојниот период планира да избере компанија што ќе ја изработи техничката документација за идниот експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија. Ова јавно претпријатие објави покана за учество во спроведување на технички дијалог, со што секоја заинтересирана фирма најдоцна до 19 јуни може да достави свои предлози и коментари за претстојниот тендер за избор на проектантско биро што би ја комплетирало техничката документација.
ЈП за државни патишта планира наеднаш да ја комплетира целосната документација – идеен проект, проект за инфраструктура и основен проект за идната делница со должина од околу 20 километри, која што ќе ја вклучи и изведбата на обиколница на Битола. Рокот за изведба на целокупната техничка документација е 18 месеци од склучувањето на договорот. Експресниот пат Битола – Меџитлија би постанал составен дел од паневропскиот Коридор 10д, а од грчка страна би се поврзал на автопатот A27.
Грција уште пред три години ја заврши изградбата на модерен патен правец кон граничниот премин со Македонија. Целокупната траса од 78,5 километри во моментов е комбинација од автопат и експресен пат, којшто до 2025 година е предвидено да прерасне во автопат долж целата траса. Автопатот А 27 се поврзува со главниот грчки автопат „Егнација Одос“, којшто обезбедува врска на југозападниот дел од Македонија со Солун и пристанишниот град Игуменица на Јонското море.
Бојан Блажевски
bojan.blazevski@build.com.mk