Фирмата „Астрекс“ од Скопје во наредните две месеци ќе работи на изготвување основен проект со извршена ревизија за уредување на 500 метри плажа во населеното место Лагадин и на 500 метри плажа во населеното место Љубаништа на брегот на Охридското езеро. Проектната документација ќе се изработува врз основа на веќе избраните идејни решенија за уредување на пет плажи во Охрид. На архитектонскиот Конкурс победи студиото „Астрекс“, кое ја доби втората награда во вредност од по 100.000 денари. За подготовка на основниот проект за две од вкупно петте плажи од државниот буџет ќе се издвојат финансиски средства во износ од 3.068.000 денари или околу 50.000 евра.
Министерството за транспорт и врски во наредниот период ќе избере проектантски студија за изготвување на неопходната документација и за преостанатите три плажи. По целосното заокружување на оваа фаза од реализацијата, во наредната етапа треба да се распишат и огласи за избор на градежни компании што ќе ги изведуваат плажите долж Охридското езеро. Јавниот простор е зацртано хортикултурно да се уреди, да се постави урбана опрема и шанк, санитарни јазли, тушеви, детски игралишта, да се изградат пешачки патеки, да се обележи просторот за пливање, но и да се доведе нов песок на плажите. Новите охридски плажи треба да се изведат најдоцна до 2017 година.
Бојан Блажевски